Извршниот одбор на Народната банка донесе измени во правилата за станбени и хипотекарни кредити кои ќе важат од 1 декември 2026 година. Максималниот однос помеѓу месечната рата и приходите на кредитокорисникот се намалува од 50% на 45% за кредити во денари и од 45% на 40% за кредити со валутна компонента.
Рокот за отплата на станбените кредити се скратува од 30 на 25 години, а за хипотекарните потрошувачки кредити од 20 на 15 години. Исклучок се кредитите за прво купување сопствено живеалиште, каде лимитите и роковите остануваат исти.
Во првото полугодие од 2026 година, растот на кредитите на физички лица достигнал 12,2%, со највисок раст кај станбените кредити од 16,6%, соопшти Народната банка.
